ЛАГ Осоговски лисец

Здружението за рурален развој Локална Акциона Група ,,Осоговски Лисец,, е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение, формирано во 2015 година со цел да биде иницијатор, двигател и креатор во мобилизирањето на локалните потенцијали преку организација, едукација и поддршка за подобрување на условите на живот и севкупен развој на руралната популација на територијата на општините Ранковце, Кратово и Крива Паланка со вкупно 84 населени места и околу 33870 жители.

Како просторна целина, ЛАГ-от е лоциран во североисточниот дел на Република Македонија. Со својата местоположба на север граничи со Република Србија, , на исток со Р.Бугарија, на запад со општина Старо Нагоричане, на североисток со општина Кочани на исток со општина Македонска Каменица  и на југоисток со општина Пробиштип. Територијата на ЛАГ-от  зафаќа површина од 1098,8 километри квадратни и има значајна геостратешка положба, бидејќи преку овој регион поминува доста важен патен правец кој го поврзува јужниот дел на Балканот со Истамбул и Мала Азија, патен правец кој денес е познат како коридор исток-запад или Коридор VIII.

ЛАГ-от претставува просторна економска, климатска, релјефна и социо-културна целина или подрачје (микрорегион) кој територијално припаѓа на Североисточниот плански регион, поточно во неговиот североисточен дел. ЛАГ-от го одликуваат одделни кохезивни елементи во делот на природните ресурси, создадените вредности, социо- културните и економските поврзаности од една страна, но во исто време разнвидноста на секоја од овие области е голема со што се зголамува вредноста на самиот простор на ова подрачје.

Врз основа на дефинирана Визија и Мисија, како и стратегиската политика произлезена од анализата на СВОТ факторите, засегнатите страни ги дефинираат следните стратегиски цели за рурален развој на ЛАГ „Осоговски Лисец“: Подобрување на условите за развој на туризмот , Заштита и унапредување на животната средина, Унапредување и развој на земјоделството, Развој на конкурентна и диверзифицирана рурална економија, Развој на функционална инфраструктура во руралните средини. За секоја од стратегиските цели во рамки на акциониот план и годишната програма се предвидуваат соодветни мерки и активности.

Во ЛАГ-от членуваат активно 23 членки од кои 19 правни лица (Општини, јавни институции Граѓански здруженија и мали и средни бизниси) и 4 физички лица (индивидуални земјоделци и сл).

 

Има реализирано неколку помали проектни активности, а од минатата година најзначајниот проект беше Унапредување на туристичките потенцијали преку промоција, воведување на нови содржини и оплеменување на постојни туристички локалитети „Туризам плус“, преку кој се оплемени просторот и се постави урбана опрема, туристичка сигнализација и информативни содржини на повеќе локалитети во трите општини членки на ЛАГ-от. Истиот беше финасиран од страна на АФПЗРР.

Претседател: Марјан Трајковски
с. Ранковце, Општина Ранковце
Е- мејл адреса: lagosogovskilisec@gmail.com
Телфон за контакт: 077 903 001 (Марјан Трајковски), 070 255 048 (Димитар Петровски)