ЗАЕДНО ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и добивањето на кандидатскиот статус, Република Северна Македонија јасно го зацрта правецот на својата политика на патот кон Европската Унија. Усвојувањето и хармонизацијата на целокупното законодавство за животна средина носи јасни насоки за правецот на движење во иднина, но и голем број обврски како на национално, така и на локално ниво. Националните стратешки планови за животна средина обезбедуваат општи упатства и насоки за Република Северна Македонија во областа на животната средина, со воспоставување на општи приоритети и цели во различни сектори. Тие предвидуваат посебни мерки и акции, коишто мора да се реализираат за да се постигнат таквите цели. Како такви, тие го дефинираат пристапот и одговорот на Владата на локалните заедници кон проблемите во животната средина на Република Северна Македонија. Имплементацијата на овие планови значително се рефлектира на улогите и надлежностите на локалната самоуправа каде преку процесот на децентрализација се наметнаа многу обврски во делот на животната средина, а во насока на процесот на приближување кон ЕУ. Помеѓу другото, локалната самоуправа игра голема улога во постигнувањето на согласност со прописите на ЕУ, во поглед, на пример, на нивото на развиеност на комуналните инфраструктури и прашањата на примена на прописите и стандардите поради што отпочнати се процеси за брзо градење на капацитет кај локалната самоуправа, со цел да ја оспособи да ги преземе овие одговорности.

Во таа насока, Мрежата на ЛАГови го реализира проектот „Заедно за заштита на животната средина“ чии што главни  цели  се:

- Зајакнување на  соработката со општинскиот и граѓанскиот придонес во формулирање, насочување и оценување на политики, стратешки планови, акциони планови, правни инструменти и  програми за заштита на животна средина во општина Битола

- Воспоставување и зајакнување на општинските и граѓанските капацитети, координација, механизми и политики за одржливо управување со природните ресурси и екосистем

Преку спроведено истражување за досегашните постигнувања на општината се доби генерална слика од моменталната состојба, а преку одржување на тркалезни маси со претставници на локалната самоуправа, граѓански организации кои работат во областа на животна средина, други формални и/или неформални групи на граѓани се креираше работна верзија на Програма за заштита на животната средина на општина Битола за 2020 година.

Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество - Македонија